Со заработка од 110 милиони долари во 2008 година поп кралицата Madonna се искачи на врвот на листата највредни мајки, според најновата листа на Forbes. Веднаш по неа следуваат актерките Reese Witherspoon и Gwyneth Paltrow.
Поп пејачката и мајка на три деца, чие барање за посвојување на уште едно дете од Малави беше одбиено неодамна, остварила заработка од 105 милиони долари од својата “Sticky & Sweet” турнеја и продала речиси 1 милион примероци од својот албум “Hard Candy” во САД. Исто така, поп кралицата имала и неколку вредни рекламни договори, според Forbes.com.
“Таа имаше неверојатна година зад себе, ја имаше најдобрата турнеја која беше распродадена насекаде”, објаснува Lauren Streib, која помогна да се компилира листата која беше објавена минатата недела.
Втора на листата на Forbes e актерката Resse Witherspoon, со заработка од 24 милиони долари минатата година. По неа следува нејзината колешка Gwyneth Paltrow, со заработка од 20 милиони долари.
Листата е базирана врз проценетата заработка на холивудските мајки со барем едно дете.
Во меѓувреме е известено дека таткото на Mercy James, девојчето кое Madonna се уште сака да го посвои, побарал целосно старателство над својата ќерка. James Kambewa, кој никогаш не ја видел својата ќерка, тврди дека Madonna е нестабилна мајка.
“Таа е моја ќерка. Madonna можеби има милиони, но тоа не ја прави добра мајка. Како може една 50-годишна жена да танцува речиси гола на сцената? Во Малави жените имаат поголема самопочит, “ вели Kambewa.
Инаку, Madonna планира да вложи жалба на судската одлука со која и беше оневозможено да ја посвои Mercy James. Нејзината жалба ќе биде разгледана на 4 мај.